Граѓаните ќе почувствуваат дека државата работи за нив, вели Минчев

Lorita
By Lorita
10 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Македонија е дел од европското семејство и реформите во јавната администрација се клучен дел од тој процес, истакна министерот за јавна администрација Горан Минчев на денешниот настан, генерички обуки за административни службеници – „Инвестицијата во административните службеници е инвестиција во иднината на јавниот сектор“, што се одржува во Скопје.

Минчев рече дека во срцето на јавната администрација се крие иднината на нашата држава.

– Реформите што Министерството за јавна администрација ги води не се само зборови на хартија, тие се дела, тие се реалност, тие ја менуваат секоја институција, го менуваат секојдневието на граѓаните и го градат патот кон модерна, професионална Македонија. Свесни сме дека во јавноста често се слушаат стереотипи – дека администрацијата е голема, неефикасна, бавна. Но, јас денес сакам да истакнам нешто друго – рече Минчев.

Администрацијата, истакна тој, е крвотокот на државата и без неа, државата не би можела да функционира ниту еден ден.

– Замислете држава без учител кој ја пополнува наставната евиденција, без матичар кој издава извод од родени, без инспектор кој проверува дали е безбедна храната што ја јадеме, без службеник кој издава документ за градење, без човек кој седи зад шалтер и им помага на граѓаните. Тоа е администрацијата. Тоа е државата во секојдневието на секој граѓанин. И токму затоа, зборуваме за мисија. Зборуваме за луѓе кои ја носат државата на своите плеќи. Зборуваме за тоа каква држава ќе им оставиме на младите генерации – нагласи Минчев.

Министерот рече дека денес Министерството за јавна администрација за првпат реално почнува со спроведување на генеричките обуки за административните службеници.

– Тоа значи дека повеќе не зборуваме во идно време, туку во сегашно. Обуките почнаа. Службениците учат. Институциите се движат напред. Ова е доказ дека реформите што ги водиме имаат конкретен резултат – истакна министерот.

Генеричките обуки, потенцира Минчев, се темелот врз кој ќе се изгради секоја професионална администрација.

– Тие се првиот чекор кон создавање службеници што ќе ја познаваат суштината на јавната служба – професионалност, етика, одговорност и транспарентност. Без овие основни вредности, ниту еден закон, ниту една стратегија, ниту една визија нема да може да се реализира – рече Минчев.

- Advertisement -
Ad image

Но, она што е особено важно, додаде, е дека овие обуки не се само за административните службеници, тие, пред сè, се за граѓаните.

– Секое ново знаење што ќе го стекне еден службеник ќе значи побрза постапка, појасна информација, пократок ред и поедноставена услуга. Нашата цел е секој граѓанин да почувствува дека институциите работат за него – дека документите се добиваат без непотребно чекање, дека процесите се транспарентни и дека државата е партнер, а не пречка. Со овие обуки ние инвестираме во луѓето кои секојдневно ви служат вам, затоа што посилна и пообучена администрација значи посилна и поуспешна држава за сите нас – потенцира министерот.

Овие обуки, објасни, не се спроведуваат само со домашни ресурси, туку и со поддршка на меѓународни предавачи.

- Advertisement -
Ad image

– Тоа е симбол на нашата посветеност кон европските стандарди. Тоа е доказ дека сакаме најдобро за нашите службеници. Соработката со институции како Регионалното училиште за јавна администрација (РЕСПА), Центарот за извонредност во финансии (ЦЕФ) со седиште во Словенија, Агенцијата за стручни обуки од Франција, Вита Институтот, Економскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, дополнително со меѓународни партнери и експерти како Борко Ханџиски, е гаранција дека не сме сами на овој пат. Тие ќе споделат искуства и практики кои веќе дале резултати во други земји. Наша задача е тие искуства да ги адаптираме и примениме дома – рече министерот.

Покрај обуката што се реализира денеска во Скопје, како што најави Минчев, во наредните месеци ќе се реализираат регионални обуки низ државата наменети за административните службеници од Источниот, Полошкиот и од Пелагонискиот регион.

– Република Македонија е дел од европското семејство и реформите во јавната администрација се клучен дел од тој процес. Во таа насока, сакам да потенцирам дека историски исчекор во реформата претставува донесувањето на пакетот реформски закони – Законот за вработените во јавен сектор, Законот за административните службеници, Законот за инспекцискиот надзор и Законот за стручно усовршување и обука на јавните службеници. Овие четири закони се темелот на новата визија и претставуваат почеток на севкупната реформа на јавната администрација во нашата држава. Паралелно со тоа, започнавме и со модернизација на Информациониот систем за управување со човечки ресурси, кој ќе овозможи транспарентно и ефикасно управување со кадрите во институциите, како и со надградба и модернизација на системот за онлајн учење – ЛМС, кој ќе биде клучна алатка за постојано образование и стручно усовршување на административните службеници – посочи министерот.

Со донесувањето на Законот за обуки и стручно усовршување на јавните службеници, како што рече, се формирала Академијата за јавни службеници, која е прва институција од ваков вид во нашата земја, но и темел на една нова визија.

– Академијата нема да биде уште еден административен орган кој постои само на хартија. Таа ќе биде срцето на модерната администрација. Ќе биде куќа на знаењето, универзитет на практиката, лабораторија на нови идеи. Таму нашите административни службеници ќе се обучуваат, ќе се усовршуваат, ќе стекнуваат нови знаења и ќе растат заедно со државата. Таму секој млад човек кој влегува во администрацијата нема да биде оставен сам, туку ќе биде пречекан, воден и подготвен за предизвиците што го чекаат. Академијата ќе преставува симбол на новата Македонија – држава што не ја остава својата администрација да тапка во место, туку инвестира во неа. Држава што разбира дека ако сакаме ефикасни институции, мора да имаме обучени и мотивирани луѓе. Држава што гради систем, а не импровизација. Сакам да бидам многу јасен: академијата не е привилегија за службениците, туку обврска на државата кон своите граѓани. Затоа што секоја обука, секое знаење, секоја нова вештина што ќе ја стекне еден службеник, директно се претвора во подобра услуга за граѓанинот – смета министерот.

Но, џабе ни е академијата, посочи тој, ако нема кој да учи во неа.

– Џабе ни се обуки ако младите не сакаат да станат дел од јавната администрација. Ова е големиот предизвик со кој, за жал, се соочуваме денес. Сè повеќе млади луѓе ја гледаат администрацијата како нешто што не нуди перспектива. Не само поради ниските плати, туку затоа што со години во институциите недостасуваше систем на обука, на напредување, на признавање на квалитетот. И тоа е реалноста која не смееме да ја игнорираме – истакна министерот.

Ако сакаме млади луѓе во институциите, мора да им понудиме повеќе од работа, мора да им понудиме иднина, додаде тој.

– Токму затоа академијата ќе биде нашата најсилна алатка за промена на тој имиџ. Таа ќе покаже дека јавната администрација е место каде можеш да учиш цел живот, каде можеш да напредуваш, каде твоето знаење се вреднува. Ќе покаже дека државата не е застој, туку движење. Ќе покаже дека во институциите има иднина – модерна, европска, дигитална, зелена иднина. Затоа формирањето на Академијата за администрација и овие први обуки не се само проекти на Министерството, ие се прашање на иднина, прашање на држава, прашање на опстанок. Ако ги зајакнеме службениците, ја зајакнуваме државата – додаде министерот.

Тој се обрати и до сите службеници.

– Знам дека многумина од вас со години работат без доволна поддршка. Знам дека понекогаш се чувствувате недоволно ценети, игнорирани или обесхрабрени. Но, верувајте, овие реформи се за вас. Овие обуки се за вас. Академијата е за вас. Ние сакаме да ви дадеме алатки, можности и услови да бидете подобри, посилни, поуспешни – нагласи Минчев.

Тој рече дека државата не се гради во парламент, ниту во влада, туку во секојдневната работа на административните службеници.

– Вие сте тие што ја градите државата секој ден – со секој издаден документ, со секоја услуга за граѓанинот, со секоја постапка што ја водите. И ако сакаме силна држава, мора да имаме силна администрација. Денес ја градиме таа администрација. Денес ја создаваме таа иднина. Денес покажуваме дека реформите не се празни зборови, туку жив процес. Генеричките обуки се првиот чекор. Академијата е следниот. А целта е јасна – администрација која ќе биде гордост, а не товар. Администрација што ќе биде двигател, а не кочница. Администрација што ќе биде европска и во служба на граѓаните во вистинска смисла на зборот. Да не ја испуштиме оваа шанса – порача Минчев.

Тој посака да се изградат институции што ќе траат, службеници што ќе инспирираат и држава што ќе биде гордост на сите нас.

Share This Article