Во јули годинава преку Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) се исплатени 1.022.217.192 денари (16,5 милиони евра) на конзорциумот „Бехтел“ и Енка“, изведувач на автопатските делници на коридорите 8 и 10д (Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани и Прилеп-Битола ).
Според Извештајот од надзорот за прогрес на работите, во тек се работи на пет мостови, четири надвозници и два подвозници. До крајот на јули годинава, извршени се ископувања на 3,2 милиони метри кубни земја и вградени се 706.500 метри кубни материјал за пополнување
-Во активностите, конзорциумот заклучно со јули ангажирал 2.172 лица и 1.181 градежна машина- се наведува во извештајот.
Активности има за делниците Тетово-Гостивар (18 километри), Гостивар-Букојчани (30 километри) и Прилеп-Битола (40 километри), додека за четвртата делница Требеништа – Ќафасан (22 километри) треба да се ревидира трасата за да се зачува заштитениот статус на Охридско Езеро и регионот.
Од почетокот на годинава, кон „Бехтел и Енка“ имаше две исплати во април, од 599.794.350 денари и од 524.972.228 денари, како и по една во мај од 681.026.665 денари и во јуни од 830.336.364 денари. Заклучно со минатата година, пак, беа исплатени 261 милион евра.
Активности на терен согласно со Договорот со „Бехтел и Енка“ во вредност од 1,3 милијарди евра се спроведуваат од 22 април 2023 година.