Американскиот претседател, Доналд Трамп, на почетокот на неговата државна посета на Обединетото Кралство, денеска кусо разговараше со новинарите за војната во Украина и неговите планови за нејзино запирање.
Запрашан од една новинарка за испораката на американските системи „Патриот“ за Украина и тајмингот на нивно пристигнување, американскиот претседател прво ја праша новинарката од каде доаѓа, а кога слушна дека е од Украина, тој кусо кажа „ ја сакам Украина, го сакам народот на Украина…..“
– Но, земјата е во сериозна неволја. Тоа е војна што никогаш не требаше да се случи. Но, јас ќе ја спречам – рече Трамп, додавајќи дека тој лично запрел седум војни во последните осум месеци.
– Мислев дека ова ќе биде најлесно бидејќи го познавам Путин. Но, не е така, бидејќи постои огромна омраза меѓу Зеленски и Путин. Но, ние ќе го спречиме тоа – рече американскиот претседател.