Драги сограѓани, почитувани пријатели,
Во изминативе осум години, со ваша доверба, ја имав честа и одговорноста два мандати да бидам градоначалник на нашата општина Дебрца – првиот мандат како партиски, а вториот како независен кандидат.
Секогаш сум верувал дека два мандати се доволни човек да ја докаже својата визија и да остави зад себе дела. Денес со гордост можеме да кажеме дека зад нас остануваат многу реализирани проекти, значајни за развојот на нашата општина и за подобар живот на граѓаните.
Во изминативе месеци, секојдневно бев исправен пред голем број барања од вас – граѓаните на Дебрца. Се разговараше во општина, мојот дом, по улици, по телефон. Вие бевте тие што ме потсетивте дека многу започнати проекти чекаат да бидат довршени и дека борбата за подобра Дебрца не смее да запре.
Искрено, не беше лесна одлуката – енергијата не е истата како пред осум години, а и мојата првична одлука беше да застанам тука. Но, вашиот глас беше посилен. Вие ми покажавте дека довербата и очекувањата се уште постојат, и затоа – ја носам одлуката да се кандидирам за уште еден мандат како независен кандидат.
Со почит кон сите мои противкандидати, кои сигурен сум дека имаат свои визии и идеи, ние на граѓаните ќе им понудиме едно – дела.
Дела кои ги реализиравме, дела кои ги реализираме и нови дела кои ќе следат во наредните години.
Дела за Дебрца!