Данска ќе купи осум системи за воздушна одбрана со долг и среден дострел од производители на оружје во Франција, Италија, Германија и Норвешка, објави Министерството за одбрана на земјата.
„Вкупните трошоци поврзани со набавката и употребата на системи за воздушна одбрана и системи за ракетна одбрана на копно се проценуваат на 58 милијарди круни“, или 7,76 милијарди евра, соопшти данското министерство.
За системите со долг дострел, Данска го избра SAMP/T произведен од Франција и Италија, а за системите со среден дострел, избра неколку системи произведени од Норвешка, Германија и Франција. „Војната во Украина јасно ја покажува потребата од современ систем за воздушна одбрана на копно кој се состои од неколку интегрирани системи, кои обезбедуваат заштита на воздушниот простор на повеќе нивоа“, беше цитиран началникот на Генералштабот Михаел Хилдгард во соопштението.
Данска го отфрна својот систем за воздушна одбрана Дехак пред околу дваесет години, по распадот на Советскиот Сојуз, што доведе до пренасочување на воените ресурси на земјата од територијална одбрана кон меѓународни операции.
Од почетокот на руската инвазија на Украина, вооружувањето е приоритет за социјалдемократската влада на Мете Фредериксен.
Првиот систем за воздушна одбрана треба да стане оперативен до крајот на оваа година, а бројот на системи постепено ќе се зголемува, додаде данското министерство.
Властите на конференцијата им разјаснија на новинарите дека оваа инвестиција не значи отфрлање на американските системи.
„Одлучувачкиот фактор тука беше брзината на испорака, а времето на испорака е подолго за (американските) системи Патриот“, рече Пер Пуголм Олсен, директор на Данската агенција за набавки и логистика за одбрана.