Српската Влада донесе одлука за зголемување на минималната цена на трудот, која од 1 јануари 2026 година ќе изнесува 371 динар по работен час. Тоа значи дека минималната месечна плата ќе биде 64.554 динари, односно околу 551 евро. Ова претставува зголемување од 36% во однос на минималната плата во 2024 година, која изнесуваше 404 евра.
Минималната цена на трудот за 2026 година ќе се пресметува по работен час без даноци и придонеси и ќе се применува од почетокот на следната календарска година. Одлуката ја донесе Владата по повеќедневни преговори со репрезентативните синдикати, кои побараа минимална плата од 600 евра, додека работодавачите се залагаа таа да не надмине 500 евра.
– Нашата цел е да ја зголемиме куповната моќ на работниците и да обезбедиме минимален животен стандард кој ќе го надмине прагот на потрошувачката кошничка – велат од српската влада.
Новиот минимум е за 75 евра повисок од пресметаната минимална потрошувачка кошничка за мај, што значи дека работниците ќе можат да ги покријат основните потреби со поголема сигурност. Владата исто така ја ограничи маржата на трговските синџири за околу 3.000 производи, особено храна, со цел да се ублажи влијанието на поскапувањата врз домаќинствата.
Експертите пак, делумно се скептични и предупредуваат дека мерката може да има повеќе краткорочен ефект, отколку долгорочен.
– Ограничувањето на маржите е маркетиншки потег и нема да ја подобри трајно куповната моќ на населението, но ќе даде краткорочно олеснување за граѓаните – велат економските аналитичари.