Како многу други работи што решивме во овие 15 месеци, ќе го решиме и овој проблем, а со новиот градоначалник во Скопје, јас сум убеден дека овој проблем трајно ќе се реши, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во врска со депонијта Дрисла, која гори три дена.
– Тука е потребна фабрика за отпад, тука е потребна производна единица која што метанот ќе го користи за електрична енергија. Имаме планови за трајно решение на овој проблем за Скопје, но и за целата територија на Македонија – рече Мицкоски.
Според него, палењето на депониите се користи во периодот на предизборие и со цел да се предизвикува паника и негодување.
– Ова што се случува со депониите и нивното палење, можам да кажам дека е после успешно завршената сезона на пожари во која, споредено со други држави во регионот каде што имаше жртви, големи населени места беа евакуирани, каде што имаше голема штета во движниот и во недвижниот имот, ние такви случаи немавме, поради добрата организација и навременото постапување. Очигледно тоа некому му пречеше и периодот на предизборие го користи да создаде паника и негодување. Ние тоа го следиме многу внимателно. Тоа е проблем што е создаван со децении, никој досега не го решил нити се зафатил со негово решавање. Ние овој случа нема да го оставиме вака, работиме со министерот за транспорт, со општествено одговорни градежни компании со кои што ќе донесеме механизација во Вардариште и во Дрисла и ќе можеме да дејствуваме внатре, со цел да не се случува ова континуирано – рече премиерот Мицкоски.