Катарскиот премиер, шеикот Мохамед бин Абдулрахман бин Јасим Ал-Тани, во ексклузивно интервју за CNN во среда, остро го критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, нарекувајќи го обидот за атентат врз лидерите на Хамас во Доха „варварски“.
„Мислевме дека имаме работа со цивилизирани луѓе. Така се однесуваме кон другите. Но, потегот што го направи Нетанјаху… Не можам да го опишам на друг начин освен варварски“, изјави Ал-Тани за CNN.
Тој додаде дека верува оти нападот на Израел врз Доха во вторник „ја уби секоја надеж“ за заложниците што сè уште се во Газа. „Се сретнав со семејството на еден од заложниците истото утро. Тие се надеваат само на ова посредништво, немаат друг излез“, рече премиерот.
Ал-Тани го опиша она што го направи Израел како „ништо помалку од државен терор“. Тој го употреби терминот еден ден претходно за време на прес-конференција, кога, видливо лут, остро го нападна Израел за операцијата во главниот град на Катар. „Немам зборови да изразам колку сме лути. Ова е државен терор. Се чувствуваме предадени“, рече тој.
Катарскиот премиер не ја откри судбината на главниот преговарач на Хамас, Калил Ал-Хаја, кој беше цел на нападот. Хамас претходно соопшти дека петмина негови членови се убиени, но дека обидот на Израел да ја ликвидира преговарачката делегација не успеал.
Ал-Тани потврди дека 22-годишен катарски безбедносен службеник е убиен во нападот. „Се обидуваме да утврдиме дали некој друг е исчезнат. Има голем број Катарци кои се во многу опасна ситуација“, рече тој.
Осврнувајќи се на можноста за прекин на огнот, Ал-Тани нагласи дека Нетанјаху „целосно уништил секоја шанса за стабилност и мир“ со нападот во Доха. „Го разгледувам целиот процес со недели. Нетанјаху само ни го трошеше времето. Тој не беше сериозен за ништо“, рече тој, додавајќи дека неодамнешните разговори биле „бесмислени“.
Премиерот потврди дека Катар сега „прегледува сè“ во врска со својата идна улога во разговорите за прекин на огнот и е во „многу детални разговори“ со американската администрација за следните чекори. Катар, кој е домаќин на најголемата американска воена база на Блискиот Исток, е клучен сојузник на Вашингтон.
Според американските претставници, американскиот претседател Доналд Трамп бил информиран за нападот само кратко пред да започне, не од Израел, туку од генералот Ден Кејн, претседателот на Здружениот штаб на вооружените сили. Трамп веднаш побарал од специјалниот претставник на Белата куќа, Стив Виткоф, да го информира Катар. Виткоф има долгогодишни врски со катарските претставници.
Трамп не го осуди директно нападот, но неговиот портпарол во вторникот изјави дека претседателот е „загрижен“. Ал-Тани во средата нагласи дека САД постојано изразувале поддршка за Катар. „Јас сум во постојан контакт со американските претставници за да видам какви мерки можат да се преземат“, додаде тој.
САД презентираа нова рамка за прекин на огнот во текот на викендот. Трамп рече дека Израел го прифатил предлогот и дека „е време Хамас да го стори истото“. Катар, според дипломатски извори, извршил притисок врз Хамас да „одговори позитивно“ на предлогот, а официјален одговор бил планиран за вторник вечерта, пред нападот во Доха.
Ал-Тани нагласи дека Катар очекува „заеднички одговор“ од регионот на израелскиот напад. „Моментално сме во консултации со партнерите во регионот. Во наредните денови ќе има арапско-исламски самит во Доха, каде што ќе се одлучува за понатамошни чекори“, рече тој.
„Нема да бараме од другите да одговорат на одреден начин, но мора да има колективна реакција. Се надеваме на нешто што ќе го принуди Израел да го запре овој вид насилство“, заклучи Ал-Тани.