Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), Горан Ангеловски денес присуствуваа на предавање на опрема од РСБСП на МВР. Опремата се состои од 23 мотоцикли „пигио“ со 310 кубици моќност, во полициска изведба, како и 23 комплети возачка опрема – одела, кациги, ракавици и чизми.
– Со денешниот настан ја истакнуваме нашата досегашна успешна соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата – партнерство кое континуирано придонесува за подигање на нивото на сообраќајната безбедност. Ваквиот пристап е доказ дека заедништвото и координацијата меѓу институциите носат конкретни резултати за граѓаните, во овој случај за подобрување на безбедноста на патиштата – потенцираше министерот Тошковски.
Претседателот на РСБСП Ангеловски рече дека во рамките на редовните активности за модернизација, а со цел зголемување на безбедноста на сообраќајот, Републичкиот совет и оваа година наменува дел од средствата за опремување на организациските единици на МВР, кои се задолжени за сообраќајна контрола.
– Опремата се состои од 23 мотоцикли во полициска изведба со комплетна мотоциклистичка опрема, во вкупна вредност од 11.950.027 денари (194.000 евра), со што значително се зајакнуваат капацитетите за регулирање и безбедноста во сообраќајот. Овој пример уште еднаш ја докажува вредноста на меѓуинституционалната соработка – истакна претседателот на РСБСП Ангеловски.
Министерот Тошковски и претседателот Ангеловски се сложија дека и во иднина ќе продолжи соработката помеѓу РСБСП и МВР на високо професионално ниво
– Безбедноста во сообраќајот е наш важен приоритет – потенцираа тие.
