Русија ги поддржува иницијативите на кинескиот претседател Си Џинпинг за глобално управување и е заинтересирана да започне конкретно разгледување на кинеските предлози, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС) во северниот кинески град Тјенџин.
– Сè повеќе земји се обидуваат да соработуваат со ШОС, а искрениот интерес и вниманието на светската заедница кон оваа организација расте. Здружувањето би можело да стане најважниот фактор во формирањето на пофер систем на глобално управување – рече Путин и повика на враќање на традиционалните вредности на меѓународната агенда.
Претходно, кинескиот претседател Си Џинпинг повика на единство меѓу членовите во која членуваат Русија, Индија, Иран и други земји, кои не се членки на НАТО. Во неговото обраќање во кое го осуди менталтитетот на Студената војна, Џинпинг ниту еднаш директно не ги спомна САД.
– Треба да се спротивставиме на менталитетот на Студената војна и на конфронтацијата на блоковите, како и на актите на заплашување – изјави Џинпинг.
Самитот во Тјенџин ѝ претходи на големата парада за Денот на победата кој се слави во Кина на 3 септември.
Според Џинпинг, земјите во ШОС заедно генерираат годишен економски производ од речиси 30 милијарди долари.
Руските медиуми пишуваат дека вкупниот БДП на земјите од ШОС расте побрзо од светскиот просек и покрај тешкотиите во глобалната економија. Во ШОС се и економиите на Иран и на Индија.
Меѓу земјите кои учествуваат на самитот на ШОС се и Азербејџан, Египет, Индонезија, Турција, како и АСЕАН, Евроазиската економска унија, ОДКБ и ЗНД.