Очекувам за 4 години да имаме целосно реконструирана и модернизирана пруга од Скопје до Кичево, најави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
За овој инфраструктурен проект државата доби грант од Европската Унија со кој наскоро ќе започне изработката на физибилити студии.
– Ние вчера на седница на Влада прифативме грант од 5,3 милиони евра, кој што е доделен од страна на Европската Унија во соработка со Европската банка за обнова и развој. Во следните година и половина треба да работат на изработка на физибилити студија, еколошка студија и останатите студии. Кога ќе ги имаме овие документи, јасно ќе знаеме колку ќе чини проектот и на кој начин ќе биде реализиран. Јас очекувам по завршувањето на овие студии, градбата да трае некаде од 2 до 2 ипол години, што значи дека некаде за 4 години од денес, треба да имаме комплетно реконструирана пруга од Скопје до Кичево, со убава и модерна сигнализација и електрифицирана, затоа што досега можеа да сообраќаат само дизел возови – рече вицепремиерот Александар Николоски во гостување на Алфа.