Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека Москва се обидува да ја „измами Америка“ пред претстојната средба меѓу претседателите на Русија и на САД, додавајќи дека Киев инсистира на заострување на економскиот притисок врз Русија.
Самитот меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин е планиран за в петок, 15 август, во Алјаска. Станува збор за средба фокусирана на војната во Украина и евентуално на прекин на огнот, за која медиумите известуваат со денови однапред.
Во своето вечерно обраќање, Зеленски рече дека „ја разбира намерата на Русите да се обидат да ја измамат Америка и дека Киев нема да го дозволи тоа“.
Не се знае дали Зеленски ќе присуствува на самитот
Сè уште е неизвесно дали Зеленски ќе присуствува на самитот. Американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер, изјави дека вклучувањето на украинскиот лидер е „секако можно“, но дека не е донесена никаква одлука; во овој момент, формално е објавена билатерална средба меѓу Трамп и Путин, без трилатерална средба.
Во меѓувреме, европските лидери инсистираат на принципот „ништо за Украина без Украина“ и предупредуваат дека договорите, што би вклучувале размена или трансфер на територија, не можат да бидат трајно решение.
„Киев сака да го спречи секој можен договор меѓу Москва и Вашингтон“
Од друга страна, пак, некои руски политички коментатори тврдат дека Киев ќе се обиде да го попречи секој потенцијален договор меѓу Москва и Вашингтон. Поранешниот пратеник на Врховната рада, Олег Царјов, изјави дека Зеленски „политички не може да си дозволи доброволно повлекување на трупите“ и дека „до последен“ ќе спречи договор меѓу Путин и Трамп.
Во пресрет на 15 август, Вашингтон и европските престолнини го зголемуваат интензитетот на дипломатските контакти, додека Киев нагласува дека „одлуките без Украина се мртви одлуки“ и дека нема да има територијални отстапки.