Три лица загинаа во нови руски напади врз Украина во Запорожјето во недела навечер, објавија денес украинските власти. Руското Министерство за одбрана објави дека руската војска уништила 61 украински дрон преку ноќ, од кои шест биле над Волгоградската област во јужна Русија, објавија странските новински агенции.
Три лица загинаа во руските напади врз градот Степнохирск во Запорожјето, објави началникот на регионалната воена администрација, Иван Федоров, според германската новинска агенција dpa. „Три мртви и уништени домови: последиците од рускиот напад“, напиша тој на Телеграм.
Во Волгоградската област во јужна Русија, украинскиот напад со дрон оштети далновод и предизвика пожар на железничка станица, објавија денес регионалните власти.
Неексплодиран дрон падна на железничките пруги во близина на железничката станица Аркеда во градот Фролово, соопшти регионалната администрација, повикувајќи се на гувернерот Андреј Бочаров.
Руската новинска агенција Тасс објави дека неколку регионални возови доцнеле. Аеродромот во Волгоград ги прекина летовите неколку часа, соопшти рускиот орган за цивилно воздухопловство Росавијација.