Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт против шест лица за учество во организирана злосторничка група која изработувала и дистрибуирала фалсификувани евра, потврдија од Обвинителството. На петмина им се става на товар кривичното дело „Фалсификување пари“, додека првообвинетиот и уште едно лице се теретат и за „Правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување“.
Според обвинителството, групата делувала од крајот на 2023 до февруари 2025 година, на територијата на Македонија и Србија, со јасна организациска структура и поделени задачи.
„Првообвинетиот ја формирал групата, обезбедил опрема за производство на фалсификувани банкноти и координирал со останатите обвинети, додека шестотоосомничениот бил задолжен за изработка и одржување на машините“, информираат од Обвинителството.
Фалсификуваните пари биле во апоени од 20, 50, 100 и 200 евра, а биле продавани на заинтересирани купувачи во Србија по цена од 25-30% од номиналната вредност. Вкупно биле пуштени 114.150 лажни евра, за кои биле инкасирани 42.400 вистински евра.
„Во текот на истрагата обезбедени се докази за набавка на материјали, фалсификување и канали за продажба во Србија, како и за изработка на машини со висока прецизност“, велат од Обвинителството.
Против шестмината македонски државјани е поднесено обвинение, додека за уште шестмина српски државјани, истрагата продолжува во Србија.