Претседателот на САД, Доналд Трамп, потпиша извршна наредба со која царините на канадската стока се зголемуваат од 25% на 35%, соопшти Белата куќа. Одлуката, која стапува на сила денес, 1 август, се оправдува со, како што се наведува, „континуираната неактивност и одмаздничките мерки на Канада“.
„Претседателот Трамп утврди дека зголемувањето на царините е неопходен чекор за ефикасно справување со моменталната вонредна состојба“, стои во официјалното соопштение од Белата куќа.
Трамп подоцна во изјава за „NBC News“ истакна дека останува отворен за нови разговори со канадската страна, додавајќи дека „можеби дури и ќе разговара со канадскиот премиер Марк Карни“.
Новите царини се однесуваат на широка палета канадски производи и се очекува да предизвикаат економски последици и во двете земји, со оглед на блиската трговска поврзаност. Аналитичари предвидуваат дека Канада ќе одговори со реципрочни мерки, што дополнително може да ги заостри трговските односи меѓу двете земји.