На социјалните мрежи се шири наводна фотографија од легендарниот американски актер и режисер Клинт Иствуд (95), објавена во пресрет на роденденот на актерот. На неа можеме да го видиме Иствуд како држи торта за роденден додека лежи во болнички кревет. Пред неколку дена, тимот на актерот се огласи по повод виралната фотографија.
– На интернет кружи слика генерирана од вештачка интелигенција која лажно го прикажува Клинт во болнички кревет. Оваа слика е целосно лажна и манипулирана. Клинт е добро, во добра здравствена состојба и НЕ е во болница! Тоа е манипулирана верзија на оваа фотографија направена во јули 2023 година од снимањето на Juror #2 со младата актерка Анџела Мари Смит. Клинт наполни 95 години на 31 мај, а сите фотографии што го прикажуваат со торта за роденден се исто така лажни – стои во објавата на неговиот официјален профил на социјалната мрежа Икс.
Клинт Иствуд е име кое одекнува низ коридорите на филмската историја, тој претставува монументална фигура во американското и светското кино. Со кариера што трае повеќе од шест децении, овој неуморен уметник не е само актер, туку и почитуван режисер и продуцент, чие дело го одразува и неговиот личен развој и промените во самата филмска индустрија.
И покрај тоа што неодамна наполни 95 години, Клинт Иствуд не покажува знаци на забавување. Тој е сè уште активен во Холивуд, и покрај годините и променливите трендови во филмската индустрија. Минатиот ноември беше објавен неговиот филм „Juror #2“, во кој глуми Николас Хоулт.
Приватниот живот на Иствуд честопати беше динамичен како и неговите филмски улоги. Познат како голем шармер, наводно имал „бурен љубовен живот“ со бројни афери и врски. Бил во брак двапати: со Меги Џонсон (до 1984 година) и Дина Руиз (до 2014 година). Според достапните информации, Иствуд официјално има осум деца со шест различни жени.
Тој со години е во врска со Кристина Сандер, која е 33 години помлада од него. Двојката живее мирен живот на неговиот ранч, а Кристина наводно добро се вклопила во неговото големо семејство.