Полициски хеликоптер од типот „Бел-412“ од Одделот за воздухопловни единици во неделата интервенираше во гаснење на пожарот кој беснее во околината на селото Нивичино, општина Василево.
Според информации од Министерството за внатрешни работи, поради повторно разгорување на огнената стихија и поради опасноста што ја претставуваше за неколку викендици и за припадниците на теренските екипи, хеликоптерот извршил прецизни налети во близина на патот и на објектите кои биле опколени од пламенот.
Целта на воздушната интервенција била да се овозможат безбеден премин и итна евакуација на загрозените лица, како и повлекување на пожарникарите и другите ангажирани служби на безбеден терен.
Ова е уште една во низата интервенции на воздухопловната единица, која во последните денови интензивно е ангажирана на повеќе точки низ државата поради зголемениот број пожари на отворен простор.