Светскиот рекет број 1, Јаник Синер, и 24-кратниот гренд-слем шампион Новак Ѓоковиќ се повлекоа од турнирот „Нешнел банк опен“ во Торонто, околу една недела пред неговиот почеток, соопштија организаторите во неделата. Двајцата тенисери како причина ги навеле своите повреди, објави Спортс илустрејтед.
Од турнирот се откажа и Џек Дрејпер, моментално петти на светската ранг-листа, кој во неделата ја објави својата одлука преку социјалните мрежи.
Синер, кој доаѓа со титула од Вимблдон, ја повредил десната подлактица за време на четвртото коло на турнирот, додека, пак, Ѓоковиќ се справува со проблем во препоните. Од друга страна, Дрејпер има проблем со левата рака, поради што ќе го пропушти и Мастерсот во Синсинати.
Ѓоковиќ досега четирипати го има освоено турнирот во Торонто, а Синер ја освои својата прва титула токму таму, во 2023 година.
Со откажувањето на Синер и на Ѓоковиќ, водечка улога кај мажите ќе имаат Карлос Алкараз од Шпанија и Александар Зверев од Германија. Кај жените, во Монтреал, главни ѕвезди ќе бидат Коко Гоф (број 2), Џесика Пегула (број 3) и Ига Швјонтек (број 4). Број 1, Арина Сабаленка, се повлече претходно оваа недела, наведувајќи дека сака да се одмори и да се подготви за УС Опен кон крајот на месецот.