Земјите-членки на Европската унија постигнаа договор во петокот за 18-тиот пакет санкции против Русија, објави високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
„ЕУ штотуку одобри еден од најсилните пакети санкции против Русија“, објави Калас на социјалната мрежа X.
Пакетот беше договорен на состанокот на амбасадорите на земјите-членки и денес ќе биде официјално потврден од министрите за европски прашања на земјите-членки.
ЕК го предложи 18-тиот пакет санкции против Русија во јуни, кој главно ги таргетира приходите од енергија на Русија и банкарскиот сектор.
Пакетот санкции вклучува намалување на максималната цена по која може да се продава руска сурова нафта од 60 долари на 47,6 долари за барел.
Пакетот беше блокиран извесно време од Словачка, која бараше отстапки за сосема поинаков предлог на Комисијата за прекин на увозот на руски фосилни горива од 2028 година.
Словачкиот премиер Роберт Фицо во вторник изјави дека неговата земја добила гаранции од Комисијата за помош во случај на потенцијален недостиг на гас или зголемување на цените и транзитните такси, како и помош во спорови околу потенцијални барања за отштета од рускиот добавувач Газпром.