На Германија ѝ недостасуваат продавачи, едукатори, социјални работници и лица за нега, како и многу други квалификувани работници. Ситуацијата брзо ќе се влоши, предупредува Институтот за германска економија (IW) во нова студија.
Институтот проценува дека недостигот од работна рака ќе се зголеми и дека до 2028 година бројот на празни работни места ќе скокне на околу 768.000, во споредба со 487.000 минатата година, објавува германската новинска агенција (DPA).
– Главната причина се демографските промени. Многу луѓе ќе се пензионираат во наредните години – вели авторот на студијата Јурек Тиедеман.
Најголем недостиг се очекува кај продавачите, а бројот на отворени и непополнети работни места би можел да се зголеми од 12.900 на 40.470.
На второ место се едукаторите, на кои ќе им недостасуваат околу 30.800, по што следат социјалните работници и педагозите, со повеќе од 21.150 работни места. За три години ќе има недостиг од околу 21.350 здравствени работници.
Значително зголемување, од околу 26%, се очекува и кај ИТ занимањата, првенствено поради дигитализацијата.
Се предвидува најголем пад на бројот на квалификувани работници за металуршката индустрија, за речиси 161.200 до 2028 година.
Според прогнозата, бројот на вработени во банките ќе се намали за околу 56.300, бидејќи банките ги затвораат шалтерите и се автоматизираат.
Проценката на трендовите на пазарот на трудот за 1.300 занимања се базира на анализа на податоците од 2023 година и трендовите од претходните години.