Црвен метео-аларм и температури над 40 степени, регионот го тресе екстремен топлотен бран кој ги загрозува жителите на Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина.
Во Република Српска и делови од Хрватска на сила е црвен метео-аларм, додека во Федерацијата БиХ е активиран портокалов аларм. Метеоролозите прогнозираат екстремно жешки денови, со температури кои ќе надминат 40°C, посебно на југоистокот на Србија, каде времето е означено како „многу опасно“.
Српскиот Републички хидрометеоролошки завод информира дека топлотниот бран ќе трае најмалку до средината на следната недела, со пикови на жештина од 34 до 40 степени, што го прави еден од најсилните бранови оваа година.
Во делови од Поморавље и Источна Србија е на сила највисокиот степен на предупредување. Во останатите региони на Србија се очекуваат температури околу 38°C и портокалов аларм.
Според прогнозите, за време на викендот може да се појави краткотрајна локална нестабилност, но тоа нема значително да ги намали жештините.
Од Институтите за јавно здравје и метеоролошките служби во регионот апелираат до граѓаните да не се изложуваат на сонце во периодот од 10 до 17 часот, да пијат повеќе вода, и да ги избегнуваат напорните активности на отворено.