Тинејџерската ѕвезда на Барселона, Ламин Јамал, постави нов преседан во историјата на клубот, дресот со неговото име стана најбрзо продаван артикл, иако на него сè уште нема официјално бројче, јави официјалната продавница на Барселона.
За само 24 часа откако се појави во продажба новиот домашен дрес на Барса, моделот со името на Јамал донел вртоглави 2,1 милиони евра. Бројот под неговото име сè уште е наведен како „мистериозен“, но фановите немаат дилема, сите се убедени дека тој ќе ја носи легендарната 10-ка.
– Јамал со денови споделува фотографии од иконите на Барса како Марадона и Меси, кои го носеле тој број – истакнуваат обожаватели на социјалните мрежи, кои веќе ги објавија новите дресови што ги купиле.
Извесно е дека дресот ќе стане уште поголем хит кога официјално ќе биде претставен бројот 10 на 13 јули, токму на 18. роденден на Јамал, според најавите од клубот.
Откако Ансу Фати замина на позајмица во Монако, токму овој број остана слободен. Минатата сезона Јамал беше клучен играч за Каталонците, и сега логичен наследник на симболот 10.