Заклучно со 2024 година, во земјата функционираат вкупно 1.494 електроцентрали на обновливи извори со комбинирана инсталирана моќност од 1.663 MW, што претставува 56% од вкупната инсталирана електроенергетска моќност во државата, изјави денеска министерката за енергетика Сања Божиновска на Бизнис форумот „Италија – Северна Македонија“.
Според неа, особено е забележителен порастот на фотонапонските централи, чиј удел во производството постојано расте.
Божиновска најави изградба и на повеќе проекти во енергетиката – изградбата на сончева електрана од 200 MW, нов ветерен парк во Миравци од 100 MW, проширување на ветерниот парк „Богданци“ како и новите приватни инвестиции, меѓу кои ветерниот парк на „Алцазар Енерџи“ со капацитет од 400 MW и соларниот парк „Стипион“ на „Акуо Енерџи“ од Франција со планирани 360–400 MW.
-Без силна и модерна енергетска мрежа, капацитетите од обновливи извори нема да можат да се интегрираат. Затоа инвестициите во преносната и дистрибутивната мрежа се наш апсолутен приоритет – рече Божиновска, најавувајќи нов 10-годишен план за развој на мрежата и воведување на батериски системи за складирање на енергија како задолжителен дел за сите нови капацитети.
На форумот се дискутираше и за нови можности за италијанските компании во областа на енергетиката и инфраструктурата, а беа отворени теми за регионално поврзување, заеднички проекти и засилување на јавните и приватните партнерства во духот на зелената транзиција.
Во рамки на пленарната сесија и панелот посветен на енергетската транзиција и циркуларната економија, министерката Божиновска ги презентираше плановите и резултатите на Македонија во доменот на обновливите извори на енергија, укажувајќи дека земјата веќе е препознаена како лидер во регионот со над 1000 MW инсталирани капацитети.