Европскиот пат на Србија не се води со муабетење по ходници, изјави денес заменик-претседателот на Демократската партија (ДС) Небојша Новаковиќ, во врска со демантот од Европската комисија по тврдењата на српскиот претседател Александар Вучиќ за наводно долг разговор со претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен на меѓународна конференција во Севиља.
Новаковиќ во писмена изјава нагласи дека „европскиот пат на Србија не се води со муабетење по ходници, ниту од столчиња и измислени состаноци, ниту со нудење државни ресурси за ништо, нудење на сопствените граѓани и фабрикување „обоени револуции““.
„Време е за вистина, пристојност и политички интегритет“, нагласи Новаковиќ.
Тој потсети дека Вучиќ „прво имал дипломатски дебакл во Соединетите Американски Држави“, каде што се обидел да се „прикраде“ на вечера со американскиот претседател Доналд Трамп и не успеал, а потоа тврдел дека имал „долг и значаен разговор“ со Фон дер Лајен, но Комисијата го негирала тоа тврдење.
„Ова е уште еден во низата обиди на претседателот на Србија да создаде слика за себе како релевантен политички фактор на меѓународната сцена преку фиктивни средби и непостоечки разговори. Меѓутоа, во реалноста, тој е сè повеќе изолиран, сомнителен и политички непожелен. Европа не му верува. И тоа е пораката што Србија треба да ја чуе“, нагласи Новаковиќ.