Македонија ќе намали околу 4.200 тони јаглерод диоксид и ќе заштети повеќе од 18.000 гигават часови енергија само од досегашната примена на механизмот за зелено финансирање, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на тркалезна маса на Меѓународната конференција за финансирање и развој што се одржува во Севиља (Шпанија).
-Поддржани се 57 проекти на мали и средни претпријатија со инвестиции над 15,5 милиони долари, кои ќе донесат заштеди на енергија од 17.828 GJ и ќе намалат емисии од речиси 4.000 тони CO₂. Поддржани се и 58 ранливи домаќинства, со инвестиции од 370.000 долари, кои резултираат со годишни заштеди од 621 MWh и намалување на емисии од 192 тони CO₂. Дополнително, проектите директно придонесуваат за намалување на аерозагадувањето (PM2.5 и PM10), што значи поздрава животна средина за граѓаните – Димитриеска-Кочоска.
Таа рече и дека Механизмот за зелено финансирање (Green Finance Facility – GFF), не е само финансиски инструмент.
-Тоа е катализатор на трансформација кој овозможува реални, инклузивни и мерливи промени во заедниците – рече Димитриеска-Кочоска.
На конференцијата беше подвлечено дека моделот на комбинирано финансирање – преку мобилизација на јавен и приватен капитал, техничка помош и стимулации врз основа на перформанси – ја намалува финансиската неизвесност и овозможува поширок пристап до инвестиции што се климатски паметни и социјално одговорни.
-Нашата визија за зелена транзиција е праведна, инклузивна и насочена кон најранливите. Никој не смее да биде изоставен- рече таа.
Димитриеска-Кочоска рече и дека Македонија е посветена на проширување на овој модел и ги повика меѓународните партнери да се приклучат во зголемувањето на неговиот опфат и влијание.
-Заедно можеме да мобилизираме капитал, иновации и солидарност неопходни за забрзување на зелената транзиција – рече Димитриеска-Кочоска.