Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, Кит Келог, во понеделникот ги отфрли тврдењата на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, дека САД го одложуваат мировниот процес, повикувајќи на „итен прекин на огнот“ меѓу Русија и Украина, објави турската новинска агенција Андолија.
Келог ги нарече неодамнешните изјави на Песков за преговорите „орвелски“ и ги оцени руските тврдења како „неосновани“.
Неговите коментари беа објавени на социјалната мрежа Икс, по неделната изјава на Песков, во која тој тврдеше дека напредокот во мировните преговори зависи од напорите на Киев и на Вашингтон.
Пратеникот истакна дека Трамп останал „доследен и решителен“ во намерата да се постигне напредок за ставање крај на војната.
„Повикуваме на итен прекин на огнот и на премин кон трилатерални разговори за завршување на војната“, изјави Келог.
Тој додаде дека Русија не може да ги одложува преговорите додека истовремено продолжува да ја напаѓа Украина.
– Многу зависи, се разбира, од ставот на режимот во Киев. Зависи и од тоа колку ефикасно ќе продолжат посредничките напори на Вашингтон – изјави Песков за белоруската телевизија „Беларус 1“.
Тој додаде дека позицијата на Русија по ова прашање е „добро позната“ и дека ситуацијата на теренот не може да се игнорира и мора да се земе предвид.
Шефот на украинската претседателска администрација, Андриј Јермак, исто така ги критикуваше изјавите на Песков како „манипулативни“, оценувајќи дека Русија сè уште е „неподготвена“ за мир.
На 2 јуни, турската метропола Истанбул беше домаќин на втората рунда мировни преговори меѓу Русија и Украина, по првата рунда одржана на 16 мај.