Двајца пожарникари се убиени, а трет е ранет откако маж подметнал пожар, па од заседа пукал врз екипите за итни случаи, соопштија властите во американската држава Ајдахо.
Вооружениот напаѓач, за кого истражителите велат дека дејствувал сам, отворил оган откако противпожарните екипи пристигнале да го гаснат пожарот на планината Канфилд.
Полицијата соопшти дека убиецот е пронајден мртов во шума по неколкучасовна размена на оган.
– Веруваме дека осомничениот го започнал пожарот. Тоа беше заседа, а пожарникарите немаа никаква шанса – рече шерифот на округот Кутенај, Боб Норис.
Тој додаде дека вооружениот напаѓач користел спортска пушка способни за брзи и прецизни дејства.
На местото на нападот реагирале повеќе од 300 припадници на полицијата, вклучувајќи два хеликоптери со снајперисти.
Претходно шерифот Боб Норис изјави дека полицијата и пожарникарите се под снајперски оган и ги повика жителите да се држат подалеку од областа околу планината Канфилд од безбедносни причини.
– Вечерва, членовите на специјалниот полициски тим го пронајдоа безживотното тело на маж на планината Канфилд. Огнено оружје е пронајдено во близина – соопшти канцеларијата на шерифот.
Оттаму предупредија дека шумскиот пожар на планината Канфилд е сè уште активен.