Во близина на Измир, Турција, пожар кој избувна од засега непознати причини за кратко време се прошири и ги зафати околните населби. Силниот ветер дополнително ги влошува условите и ја отежнува борбата на противпожарните екипи.
Локалните власти веднаш започнаа со евакуација на граѓаните кои, видно вознемирени, ги напуштаат своите домови за да се спасат од огнената стихија. Општинските служби на Измир се ангажирани со сите расположливи ресурси во обид да го запрат ширењето на пламените јазици.
Пожарот веќе предизвика штета на повеќе куќи во погодената област. Интервенцијата продолжува непрекинато, а екипите се борат да спречат огнот да навлезе во други населени зони.
Големите пламени фронтови се приближија до Аеронаутичкото техничко училиште и популарната пикник-зона Сарнич, што доведе до пореметување на авио-сообраќајот. Аеродромот Аднан Мендерес во Измир веќе има откажани повеќе летови, а за останатите се регистрирани значителни доцнења.
Авиокомпаниите се обидуваат навреме да ги известат патниците за промените и да организираат други можности за патување. На сите кои треба да патуваат им се препорачува да ја следат состојбата преку официјалните канали на превозниците или информациите на аеродромот.
Пожарникарите остануваат на терен сè додека не успеат да го стават пожарот под целосна контрола и да го обезбедат аеродромот и околните населени места.