Иранскиот парламент изгласа забрана за користење „Старлинк“, сателитската интернет услуга на Спејс Икс на милијардерот Илон Маск, јави денеска новинската агенција ИСНА.
Според законот, прекршувањата би можеле да бидат казнети со парични казни, камшикување или со казна до 2 години затвор.
Како што пренесе ДПА, нејасно е колку широко се користи „Старлинк“ во Иран. Сепак, цената на услугата веројатно е недостапна за повеќето домаќинства. Извештаите покажуваат дека илјадници терминали се шверцувани во земјата, а според некои проценки, дека бројот на корисници надминува 100.000.
Старлинк е една од ретките алатки, достапни за Иранците за време на државно наметнатите исклучувања на интернетот, како оние неодамна спроведени за време на војната со Израел. Иран честопати прибегнува кон исклучување на интернетот за да го спречи ширењето на информации и за да задуши немири, особено за време на протести или зголемени тензии.
Парламентот усвои и мерка за зголемување на казните за шпионажа. Според новиот закон, „оперативната соработка“ со странски субјекти би можела да биде казнета со смрт. Законодавството не го дефинира терминот, но набљудувачите го гледаат како дополнителен обид за заплашување на неистомислениците и на критичарите на режимот. Казните вклучуваат и затворски казни од 10 до 15 години за политички, културни, медиумски или за пропагандни активности кои предизвикуваат јавен страв или штета на националната безбедност, и 2 до 5 години затвор за споделување содржина со непријателски странски мрежи.
Двете одлуки сè уште треба да ги одобри Советот на чувари, моќно тело за уставен надзор. Таквото одобрување е обично формалност. Советот на чувари има улога да става вето на закони – донесени од парламентот – да надгледува избори и да одобрува или да дисквалификува кандидати.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
