Со температури што во одредени делови на земјата достигнуваат и над 40 степени Целзиусови, денеска кулминира првиот топлотен бран во Грција за ова лето, а Министерството за труд воведе мерки за заштита на работниците, јави дописничката на МИА од Атина.
За работа на отворено задолжителен е прекин со работата во периодот меѓу 12 и 17 часот, а се однесува на работниците на технички и градежни проекти, на градилишта, бродоградилишта, како и на доставувачите со мотори или велосипеди.
Високи температури се регистрирани не само во текот на денот, туку и во текот на ноќта, според податоците од Националната опсерваторија во Атина и порталот Метео.
Поконкретно, во повеќе делови на земјата температурите биле повисоки 30 степени, додека во центарот на Атина и во речиси целиот поширок регион Атина, ноќната температура била над 33 степени Целзиусови.
Мини топлотниот бран и високите температури, иако карактеристични за Атина, денеска ја „испразнија“ грчката метропола, па во центарот на градот мнозинство се туристите.
Опремени со шапки и чадори, со вода и сокови ги посетуваат популарните туристички локации во Атина.
Општина Атина во средата презеде мерки поради топлотниот бран со отворање климатизирани простории, мерки за заштита на бездомните лица и бездомните животни и зголемена готовност на сите надлежни служби.
Поради високите температури, но и најавените т.н. суви молњи и силни ветрови за време на викендот, министерот за цивилна заштита и климатски кризи на Грција синоќа свика министерски состанок на кој било одлучено противпожарната служба да биде во состојба на готовност, согласно оперативниот план, да се затворат шумите и парковите во областите со многу висока опасност, како и зголемена готовност на низа други служби.