Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини постои една година и постави основа за енергетска стабилност, сигурен и ефикасен енергетски систем за одржлив и модерен развој, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„По 7 години нестручно и недомаќинско владеење на СДСМ и ДУИ со енергетскиот сектор што доведе до девастација на електро-енергетските капацитети и неколкукратно зголемување на сметките за електрична и за топлинска енергија на граѓаните, поставени се темелите за енергетска стабилност и независност. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини успешно го финализираше процесот на усвојување на новиот Закон за енергетика, со што Македонија изврши целосно транспонирање на Четвртиот енергетски пакет на Европската унија познат и како Пакет за чиста енергија“, соопшти владејачката партија.
Се овозможи воведување на паметни броила, батериски системи, граѓански енергетски заедници како и либерализиран пазар и дигитализација, се додава во соопштението.
„Се зголемија таксите за минерални суровини, со што од 1 јануари 2025 година Министерството започна со собирање до 100% зголемени такси за експлоатација на минерални суровини, со цел да се подобри редот во користењето на националните ресурси. Зголемена е наплатата на концесиските надоместоци за минерални суровини за 2,5 пати, па така наплатата за периодот 01.01.-15.04.2024 година изнесува 110.576.324 денари, додека пак за период 01.01.-15.04.2025 изнесува 260.258.272 денари (4,2 милиони евра)“, се вели во соопштението.
Увоена е програма за заштита на ранливите потрошувачи за 2025 година, кои ќе добијат финансиска поддршка за потрошената електрична енергија, се додава.
Партијата на власт нагласува дека во новиот Акциски план за 2025 година на Еусаир стратегијата Македонија успеа да вгради два свои гасни проекти со соседна Грција и со соседна Србија, кои беа подржани од страна на Европската Комисија. Тоа се гасен интерконектор со Грција и проект за интерконекција со Србија.
„Пуштен е во работа новиот 400/110 кв трансформатор во ТС Битола 2, кој ќе го намали притисокот врз преносната мрежа и ќе ја зајакне сигурноста на снабдувањето во градовите Струга, Охрид, Ресен, Битола и Прилеп, обезбедувајќи стабилна електрична енергија за време на зголемената потрошувачка во зимските месеци. Проект за јакнење на преносната мрежа – Милетково (МЕПСО). Нова трансформаторска станица 400/110 кВ во вредност: 34,7 милиони евра. Приклучок за 1,2 GW од обновливи извори. Овој проектот за јакнење на преносната мрежа во југоисточниот регион на земјата вклучува изградба на нова 400/110 кВ трансформаторска станица во близина на селото Милетково, поврзување со постоечката 400 кВ линија од Дуброво до Солун, како и реконструкција на постоечките 110 кВ линии и станици во и помеѓу Милетково, Валандово и Струмица“, се вели во соопштението.
Понатаму, се додава, втора фаза од ветерниот парк Богданци со дополнителни 4 ветерни турбини, секоја со капацитет од 3,4 MW. Ова проширување значително ќе ја намали зависноста од увоз на електрична енергија.
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има јасен план и стратегија за енергетскиот сектор во служба на Македонија и граѓаните. За зголемена енергетска ефикасност и за сериозни повеќегодишни инвестиции во енергетиката, со цел домашно производство на енергија како гарант за конкурентност на македонската економија. Ги градиме темелите на промените. Доаѓа времето на Македонија“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.