Поради зголемена опасност и превенирање од појава на шумски пожари на отворен простор владата целосно го забрани движењето во шумите, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Забраната започнува на 1 јули и ќе трае до 31 август.
Движењето во шумите ќе биде дозволено единствено со писмено одобрување издадено од страна на подружниците на ЈП „Национални шуми” и Националните паркови, соодветно за подрачјето со кои управуваат.
За непочитување на оваа целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште, на физички лица кои ќе се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, согласно член 106 од Законот за шумите, ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност.