Судењето на контроверзниот музички могул Шон Диди Комбс се приближува кон крајот. Тој беше обвинет за трговија со луѓе заради проституција и рекетирање, а како што објавува „Варајети“, обвинителството деновиве ја заврши својата презентација на случајот.
Потоа Комбс се обратил, што беше, велат, „најдолго што некогаш досега зборувал на суд“.
Судијата Арун Субраманијан го прашал Комбс како се чувствува додека чекал музичарот да се изјасни дали ќе сведочи или не.
– Одлично сум, почитуван судија. Би сакал да ви се заблагодарам. Одлично ја вршите работата – му рекол Комбс на судијата, кој се насмевнал и му се заблагодарил за тие зборови и го прашал дали ја разбира својата опција да сведочи.
„Да, почитуван судија“, одговорил Комбс, кој на крајот му рекол на судијата дека одлучил да не сведочи.
– Тоа е целосно моја одлука. Со други зборови, ја донесов таа одлука во согласност со моите адвокати – рекол музичарот.
Комбс претходно се изјасни за невин по обвиненијата против него. Претходно на сослушувањето, неговата адвокатка рече дека „нема доволно докази“ за да се прогласи Комбс за виновен.
Деновиве, и обвинителството и одбраната ќе ги изнесат своите завршни аргументи, а поротата треба да донесе одлука следната недела. Доколку биде осуден, Комбс се соочува со доживотен затвор.