Штипската јавна обвинителка Татјана Кацарова, која се „прослави“ со своето скандалозно постапување во истрагата против суспендираниот шеф на скопското Вишо јавно обвинителство Мустафа Хајрулахи – во која, или со тежок фалсификат, или со клонирање, успеала да испита четири различни сведоци во исто време – деновиве е во средиштето на нов скандал. Веќе е јасно дека на оваа обвинителка ѝ се дозволува да се однесува непрофесионално и неодговорно, затоа што е под директна заштита на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Осомничените пред Кацарова немаат никакви права
Постапувајќи по поднесена жалба за судска контрола над законитоста на дејствијата во јавнообвинителскиот предмет Ко бр. 84/25, кој го води токму обвинителката Татјана Кацарова против осомничениот М.Н. од Штип, за кривично дело Насилство (член 386 став.6 од Кривичниот законик), Јулијана Недкова, судија на претходна постапка во Основниот суд во Штип, утврдила незаконитост во постапувањето на штипската обвинителка, фаворитка на Коцевски. Жалбата ја поднел застапникот на осомничениот, угледниот скопски адвокат Стеван Павлевски.
Што се случило? Се случило чудо, а што друго…
На 19 март 2025 година, обвинителката Кацарова до судија на претходна постапка при Основниот суд во Штип поднела предлог за определување мерка притвор, против осомничениот М.Н., поради постоење на основано сомневање дека тој сторил кривично дело Насилство. Со решение на судијата на претходна постапка, на осомничениот истот ден му е опредена мерка притвор во траење од 30 дена.
По барање на јавната обвинителка Кацарова, притворот на овој осомничен му се продолжува во неколку наврати. Во жалбата, адвокатот Павлевски ги набројува сите права на осомничениот кои ги повредила Кацарова. Освен што на бранителите на осомничениот не им дозволила да извршат увид во предметот (изгледа тоа е „стандардна процедура“ во постапувањето на оваа обвинителка), Кацарова сторила уште еден тежок грев – таа го држела во притвор М.Н. повеќе од 70 дена, иако според расположливите материјални докази оваа постапка требало да завши во рок од 8 дена, односно требало да се води по скратена постапка. Имено, со вештачење е утврдено дека оштетениот се здобил со „телесна повреда“, а не со „тешка телесна повреда“, па во таков случај, треба да се води скратена постапка, што ќе рече дека притворот не смеел да трае повеќе од 8 дена.
Кацарова управува со временска машина
Што сторила сега обвинителката Кацарова, позната по својата моќ на клонирање, со која успеала во истрагата што ја води против Хајрулахи во исто време да испита четири различни сведоци? Освен што умее да се клонира, или не дај боже да фалсификува списи, Кацарова може да го контролира и факторот време, управувајќи со временска машина. Звучи неверојатно, но нема друго бенигно објаснување за начинот на кој таа успеала штипјанецот М.Н. да го држи во притвор повеќе од 70 дена.
Така, во Штип се случило уште едно обвинителско чудо. За вештачење кое е направено на 23.04.2025 година, оваа обвинителка поднела Наредба за вештачење со датум од 24.04.2025 година. Наредбата е издадена еден ден откако вештиот наод и мислењето веќе биле подготвени. Дополнително, во обвинителскиот предмет нема никаков доказ за тоа кога и дали оваа Наредба воопшто е доставена до вештото лице (нема потврда-доставница за примена наредба и потпис од вештото лице на на самата Наредба дека е примена). Но, дури и тука не е крајот на чудата. На доставениот вешт наод и мислење од страна на ОЈО Штип нема приемен печат, за да може да се утврди кога вештачењето било примено во штипското обвинителство.
Судијката Недкова, која очигледно одлучувала професионално и непристрасно, утврдила дека вештачењето е незаконито. Според нејзиното судско решение, незаконито било и тоа што на бранителите на М.Н. не им било дозволено да извршат увид во списите, тоа што не биле известени за преземањето истражно дејствие распит на оштетениот, тоа што не биле известени дека се врши вештачење, тоа што наодот на вешто лице не им бил доставен и многу други повреди на Законот за кривична постапка, кои, како што веќе знаеме од нејзината истрага против Хајрулахи, се дел од стилот на работењето на обвинителката Татјана Кацарова.
Не може им нико ништа, јачи су од судбине!
Решението на Основниот суд Штип, со кое се утврдува незаконитост во постапувањето на обвинителката Татјана Кацарова, е донесено на 16 јуни годинава. Плусинфо располага со овој документ. Дознаваме дека адвокатот Павлевски на 27 јуни поднел Барање за вршење надзор до Вишото јавно обвинителство Штип, конкретно до Вишиот јавен обвинител Ристо Бојаџиски. Надзорот и контролата над пониските обвинители е основна должност на повисоките јавни обвинители. Но, Бојаџиски засега молчи и очигледно нема намера да го проконтролира работењето на обвинителката Кацарова, фаворитката на републичкиот јавен обвинител Коцевски.
Суспендираниот виш јавен обвинител Мустафа Хајрулахи со месеци води правна битка со обвинителката Кацарова, пишува претставки до Советот за јавни обвинители и укажува на незаконитостите во нејзиното постапување. Засега, без никаков успех, бидејќи тој и неговиот колега виш јавен обвинител Јово Цветановски се трн во окото на Коцевски поради познатот случај „Бонусите на СЈО“.
На адвокатот Павлевски, некогаш и тој јавен обвинител, ете, му успеало со неспорни правни аргументи да го убеди Основниот суд во Штип да донесе судско решение во кое утврдило незаконтост во постапувањето на Кацарова и флагрантни повреди на Законот за кривична постапка од нејзина страна. Но, што со тоа? Ни ова судско решение, за државниот обвинител Коцевски, за вишиот обвинител Бојаџиски, а веројатно и за Советот на јавни обвинители, не значи ништо. Тие луѓе не фермаат ни суд ни закон.
Едноставно, во оваа држава има обвинители на кои буквално им е дозволено да прават што сакаат – развлекуваат истраги, држат осомничени во притвор спротивно на законот, манипулираат со списи и фалсификуваат, а успеваат дури и да се истакнат со натприродни моќи. Како што вели онаа српска фолкерска песна, не може им нико ништа, јачи су од судбине!
Не е јасно само до кога Владата и Собранието ќе го толерираат ова беззаконие и незапирливото ширење на канцерот на непрофесионалноста и неодговорноста во македонското правосудство.