На маргините на Самитот на НАТО што се одржува во Хаг, за утре е закажана средба меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп, соопшти висок официјален претставник од кабинетот на украинскиот претседател.
– Средбата е планирана за утре попладне, а тимовите сега ги финализираат деталите – изјави изворот, кој побара да остане анонимен.
Подготовките за состанокот ги потврдил и шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, кој денеска информираше дека имал разговор со американскиот државен секретар, Марк Рубио.
– САД ја потврдија својата непоколеблива поддршка за прекинот на огнот – напиша Јермак на социјалната мрежа Икс.
Иако односите меѓу Зеленски и Трамп се оценуваат како комплицирани, украинскиот лидер на претстојната средба ќе се фокусира на повеќе клучни теми: продолжување на санкциите кон Русија, дополнително вооружување, и намалување на ценовниот плафон за руската нафта – еден од главните извори на приходи за Кремљ.
Украинскиот официјален извор нагласува дека Зеленски ќе инсистира на намалување на цената на руската нафта на 30 долари за барел. Моментално, таа е ограничена на 60 долари по договор на западните сили постигнат уште во 2022 година.
– Разговорите ќе се однесуваат на продолжувањето на западниот притисок врз Русија, особено преку санкции и ценовниот плафон на нафтата, која ѝ овозможува на Москва да ја финансира војната – рече изворот.
Дополнително, како што се најавува, Зеленски ќе побара нови испораки на американско оружје, вклучително и системи за воздушна одбрана, во време кога украинските градови се мета на секојдневни ракетни и дронски напади.
– САД се главен снабдувач со оружје на Киев од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година – потсетува изворот, но додава дека актуелниот претседател Доналд Трамп досега не одобрил нова воена помош за Украина.
Зеленски неколку пати досега нагласуваше дека сака директен разговор со Трамп околу голем контингент воена помош, вклучувајќи системи за воздушна одбрана „Патриот“.
Првата официјална средба на двајцата лидери се одржа во Белата куќа на крајот на февруари и заврши со, како што јавуваат медиумите, „спектакуларен вербален судир“.
Во април, тие имаа кратка средба во Рим за време на погребот на папата, додека планираната средба на Самитот на Г-7 во Канада во јуни не се реализираше бидејќи Трамп ненадејно го напушти настанот.