Во пресрет на раскошната венчавка на Џеф Безос и Лорен Санчез, која ќе се одржи во Венеција, двојката се најде на удар на критики од дел од италијанската јавност. Но, организаторите на настанот, компанијата „Ланца и Баучина“, издадоа соопштение во кое тврдат дека Безос и Санчез инсистирале на почитување на Венеција, нејзините жители и локалната заедница уште од самиот почеток на планирањето на свадбата.
– Гласините за „заземање на градот“ се целосно неточни и спротивни на нашите цели и реалност. Ниту, пак, се нарача прекумерно количество водени такси или гондоли – бројот на резервации е пропорционален на бројот на гости – велат од „Ланца и Баучина“.
Овие тврдења ги потврдија и градските власти, посочувајќи дека парот не резервирал голем број гондоли или невообичаено голем број водени такси. И покрај несогласувањата во јавноста, организаторите и властите работат заедно за настанот да се одвива мирно и без нарушување на секојдневниот живот во градот.
Основачот на „Амазон“, Џеф Безос, ќе се венча со поранешната новинарка Лорен Санчез. Прославата се одржува во Италија, ќе трае три дена, а многумина веќе го нарекуваат настанот свадба на годината.
Се проценува дека потрошил околу 40 милиони долари за овој луксуз.
Безос и Санчез ќе се венчаат на островот Изола ди Сан Џорџо. Безос резервирал пет луксузни хотели: „Сент Реџис“, „Грити Палас“, „Даниели“, „Чипријани“ и „Аман Венеција“.
Забави се планирани и на јахтата на Безос вредна околу 500 милиони долари, која ќе се закотви во венецијанското пристаниште. На нивната свадба ќе присуствуваат многу познати имиња, меѓу кои Ким Кардашијан, Леонардо Дикаприо, Опра Винфри, Ева Лонгорија, Орландо Блум, Кети Пери, Роберт Патисон и други.
Поканети се и многу бизнисмени и политичари. Покана е испратена и до кралицата Ранија Ал-Абдула од Јордан.
Лорен Санчез ќе носи 27 фустани од светски познати брендови, вклучувајќи го и модното дуо „Долче и Габана“, во текот на тридневната прослава.
Бројни граѓани најавија протести „Нема простор за Безос“. Тие веруваат дека тој нема место во Венеција и дека градот не смее да стане сцена за елитата.