Националната агенција за европски образовни програми и мобилност информира дека почнува сеопфатен процес за утврдување на Националните приоритети на Република Македонија во рамки на програмата Еразмус+ и ЕСК, за периодот 2026-2027 година. Во националните приоритети нема да биде застапена родовата идеологија, потенцира агенцијата, која ја предводи Петар Богојевски.
„Овој процес ќе биде целосно усогласен со шесте фундаментални вредности на Европската Унија, кои претставуваат темел на секоја јавна политика и образовна стратегија: почитување на човековото достоинство, слобода, демократија, равноправност, владеење на правото и почитување на човековите права. Во рамки на ова усогласување, ќе се спроведе институционален и јавен дијалог за да се дефинираат приоритети кои ќе ги рефлектираат потребите на македонското општество, а притоа ќе бидат во согласност со европските стандарди и нашите национални вредносни определби“, соопшти агенцијата за европски образовни програми.
Во соопштението се потенцира, како пто се вели, јасната позиција на агенцијата – ќе има поддршка за половата еднаквост и одбивање на родовата идеологија.
„Во тој контекст, Националната агенција изразува јасна и недвосмислена определба дека во рамки на националните приоритети нема да се поддржуваат политичките конструкции на т.н. родова идеологија, кои немаат научна основа, ниту се дел од обврските преземени од државата“, се вели во соопштението.
Агенцијата, се додава, останува цврсто посветена на: унапредување на половата еднаквост, поголема вклученост на жените од социјално загрозени семејства и од маргинализирани средини, како и на поддршка за нивно учество во меѓународни образовни програми и пристап до високо образование, како предуслов за трајно надминување на системската сиромаштија и нееднаквоста.
„Оваа насока е целосно усогласена со хоризонталните приоритети на ЕУ, како инклузија и диверзитет, зелена агенда, дигитална трансформација и граѓанско учество и европските документи за еднакви можности и не подразбира наметнување на идеолошки ориентации спротивни на културните, општествените и уставните норми на Република Македонија. Националната агенција ги повикува сите засегнати страни – универзитети, училишта, граѓански организации, младински структури, бизнис сектор и поединци активно да се вклучат во процесот на консултации, со свои предлози и визија за иднината на европските образовни програми во нашата земја. Само заедно можеме да изградиме праведна, инклузивна и достоинствена перспектива за нашите ученици, студенти и граѓани“, се вели во соопштението на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.