Државата мора да им врати речиси 50 милиони евра на 156 компании кои во 2023 година го платија таканаречениот данок на солидарност. Оваа обврска произлегува од одлуката на Уставниот суд, кој во февруари годинава го укина законот како неуставен.
Од Министерството за финансии велат дека се во постојана комуникација со стопанството и се работи на наоѓање на начин – и темпо – по кое овие пари ќе бидат вратени на компаниите.
„Бараме модалитет и динамика за враќање на средствата“, велат од Министерството, откако бизнис-заедницата побара парите да се вратат што побрзо.
Иако Уставниот суд ѝ даде на државата рок од пет години да ги врати парите, стопанствениците се прашуваат зошто процесот треба да трае толку долго – кога самите тие имаа рок од неколку месеци да уплатат милионски износи.
На неодамнешната средба меѓу министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и Стопанската комора, токму ова било главна тема. Претседателот на Комората, Бранко Азески, нагласил дека оваа асиметрија е нелогична и дека парите треба да се вратат побрзо.
Бизнис-заедницата има јасен став: што побрзо се вратат парите во фирмите, толку побрзо тие ќе се вратат во буџетот – преку ДДВ, данок на добивка и придонеси.
– Ако државата ги пушти во обрт овие 50 милиони евра веднаш, во наредните пет години ќе ги врати назад преку даноци. Се проценува дека само од тие пари, годишно ќе влегуваат 8 до 12 милиони евра во буџетот – вели Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата.
Тој предупредува – ако државата одолговлекува, ќе изгуби повеќе отколку што ќе заштеди.
Бошков потсетува на уште еден проблем – ставот дека големите компании „можат да издржат“, па затоа државата се однесува како да не ѝ гори под нозе.
– Колку и да се богати фирмите, секогаш им требаат пари за обрт. Без свежи пари, нема инвестиции, нема развој. Ако државата навреме ги врати парите – тоа е добро и за фирмите и за неа – објаснува тој.
Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи вели дека бизнисот може да бара и да притиска, но државата го има последниот збор.
– Како што државата донесе противуставен закон, така сега може и да одолговлекува со враќањето. Бизнисот го знае тоа од искуство – вели Димитров.
Тој смета дека треба да се отвори прашањето за одговорност на оние кои го изгласале законот, иако знаеле дека ќе падне на Уставен суд.
Данокот на солидарност беше воведен во 2023 година како еднократна, вонредна мерка. Со стапка од 30%, тој ги опфати сите компании кои во 2022 година имале приход над 10 милиони евра. Целта беше државата да собере средства за антикризни мерки и поддршка на граѓаните во време на инфлација и енергетска криза.
Но, законот предизвика бурни реакции – и правни, и економски – и на крајот падна на Уставен суд, токму поради тоа што делуваше ретроактивно, го нарушуваше принципот на правна сигурност, и се сметаше дека удира врз конкурентноста на домашните компании.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
