Бизнисот чека да види колку ќе го чини оваа криза

Lorita
By Lorita 2 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Сѐуште не може да се каже конкретно дали воениот конфликт меѓу Израел и Иран ќе предизвика ценовен шок, рече денеска претседателката на Центарот за микро, мали и средни претпријатија во Комората Габриела Кулебанова.

Во однос на новите мерки што ги најави премиерот, Кулебанова го повтори ставот на бизнисот, дека треба да се почитуваат пазарните услови на работење.

– Имаме последователни кризи. Војните траат, но во моментов за ценовен шок не можеме конкретно да кажеме, ќе почекаме зашто ова е на почеток. Ние сме мала економија, сите глобални, светски потреси и случувања се рефлектираат кај нас. Во однос на мерките што ги најави премиерот, немаме ништо конкретно. Ние секогаш како бизнис сектор се стремиме да имаме помалку влијание и ингеренции на државните институции – истакна Кулебанова, одговорајќи на новинарски прашања пред презентацијата на дигиталната платформа за ММСП, „ONE STOP DIGITAL“ за микро, мали и средни претпријатија.

Во врска со алатката, Кулебанова објасни дека се работи за платформа која ќе биде пренесена како апликација на мобилните уреди и преку неа компаниите за кои е наменета ќе може да ги добиваат сите информации што им се потребни, но и да даваат предлози, сугестии и да поставуваат прашања.

– Ова е многу значајна алатка за овој тип компании. Преку неа ќе комуницираме и ќе ги информираме нашите членки на брз, едноставен и лесен начин за законските измени, на пример, и за се останато што е од нивен интерес. Исто така, со оглед дека комуникацијата ќе биде двострана, тие ќе имаат можност да ги предочат нивните секојдневни потреби и предизвици со кои се соочуваат. Микро, малите и средни претпријатија се клучни за брзиот раст и развој на економијата, тие ги даваат идеите за иновативни решенија и нивната поддршка е многу битна – рече претседателката на Центарот.

Дигиталната платформа со мобилна апликација е изработена со поддршка на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), во насока продолжување на економската транзиција на одржливи мали и средни претпријатија и развивање одржлива инфраструктура на деловни советодавни услуги.

Share This Article