Се движиме кон дигитално општество, но не смееме да бидеме следбеници на трендовите, туку треба да ги креираме заедно со развиените држави. Ова прашање не познава граници, секоја земја, дури и најмалата, ако има добар ИТ потенцијал кај кадарот и добри навики кај граѓаните, како и ако гради дигитална инфраструктура, може да прави квантни чекори напред, изјави денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Андоновски ја гледа Македонија како целосно дигитализирана држава до 2030-2035 година.
– Нашата стратегија е сè што е процес во позадина во јавната администрација да биде дигитализиран, за да понуди добри услови за водење бизнис, за раст на економијата и за благосостојбата на граѓаните – рече Андоновски.
Според него, последните податоци покажуваат дека растот на ИКТ индустријата од над 4,4 отсто е еден од клучните во зголемувањето на БДП.
– На тој начин треба да размислуваме. Ова е нашиот потенцијал, нашата компаративна предност во однос на другите држави. Немаме големи минерали ресурси, не сме голема територија, немаме многу население, но компаративно сме подобри во ИТ индустријата и тоа треба максимално да го искористиме – нагласи министерот.