Внукот на поранешниот југословенски претседател Јосип Броз – Тито и долгогодишен политички активист во Србија, Јосип Јошка – Броз, почина на 78-годишна возраст. Веста за неговата смрт ја потврди српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.
„Ја примив веста дека мојот пријател Јосип Јошка – Броз нè напушти. Со него заминува дел од една ера и доаѓа обврската на новите генерации да го зачуваат неговото сеќавање“, напиша на социјалните мрежи српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, изразувајќи сочувство до семејството и „сите следбеници на времето и политиката на Тито“.
Јошка Броз беше претседател на Комунистичката партија, поранешен пратеник во српскиот парламент и член на Главниот комитет на Социјалистичката партија на Србија, објавува хрватскиот индекс.
Во 2005 година, тој го основа граѓанското здружение „Јосип Броз Тито“, кое работеше со цел зачувување на југословенскиот социјализам. Во интервјуата, тој сакаше да нагласува дека од познатото презиме не останало ништо. Во 2016 година, тој изјави дека „живее како куче“, жалејќи се на своите скромни услови за живот и покрај името што го носи.