Израелската армија побара од жителите на Кан Јунис и околните места во јужна Газа веднаш да се евакуираат.
Портпаролот на Израелските одбранбени сили ИДФ, Авичај Адраи, преку објава на арапски на социјалната мрежа Икс, ги повика луѓето од Кан Јунис, Бани Сухејла и Абасан да се повлечат кон запад, во областа Маваси.
Тој најави „невиден напад“ насочен кон инфраструктурата на Хамас, нарекувајќи го Кан Јунис „опасна борбена зона“, јавува „Гардијан“.
„Терористичките организации ви донесоа катастрофа. За ваша безбедност, евакуирајте се веднаш“, напиша Адраи.
Ова предупредување е најново во серијата пораки од Израел, откако вчера беше издадена наредба за евакуација и во централна Газа. Офанзивата на израелската војска продолжува со засилено бомбардирање низ целата енклава.