Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во четврток изјави дека е „претпазливо оптимист“ во врска со можниот напредок во разговорите за Украина, под услов Русија да преземе „понатамошни чекори“.
„Останувам претпазливо оптимист и мислам дека ако Русите се подготвени да ја играат играта, а не само Украинците (…) може да има напредок во текот на следните две недели“, рече Руте по пристигнувањето во Анталија, каде што се одржува состанок на министрите за надворешни работи на НАТО.
Но, за да се постигне вистински напредок во преговорите, Русија мора да ги преземе и своите обврски, додаде Руте, потсетувајќи дека Украина е „подготвена да се вклучи во прекин на огнот и преговори“.
„Топката сега е во дворот на Русија“, рече шефот на НАТО.
Делегации од Русија и Украина се очекуваат во Истанбул во четврток на првите директни разговори меѓу двете страни од пролетта 2022 година. Рускиот претседател Владимир Путин не е на списокот на учесници на состанокот.
„Сега е на Русите да преземат понатамошни чекори“, рече Руте.