Словачкиот премиер Роберт Фицо одговори на уникатен начин на шпекулациите за неговото здравје, кои се појавија откако тој откажа настапи на неколку настани.
Фицо објави фотографија на својата Фејсбук страница на која стои во Дунав до половината, во целосно мокра и тесна маица.
„Те чекав утрово, каде беше? Само вчера новинарите беа „загрижени“ дали воопшто дишам и дали можам да се искачам по скалите до мојата канцеларија. Затоа ги поканив утрово на насипот да се загреат и да пливаат. Чувствувам дека им е потребно. Никој не дојде. Разбирам. Врнеше слаб дожд и беше постудено“, напиша Фицо на Фејсбук.
На прес-конференцијата во неделата, Фицо сепак призна дека има одредени здравствени проблеми поврзани со минатогодишниот атентат.
„Постојат одредени работи што се поврзани со атентатот и што во одредени моменти ми оневозможуваат да го направам четиричасовното патување со автомобил. Тоа е сè. Нема да ви кажам ништо повеќе“, рече тој кога беше прашан за неговата здравствена состојба.
Словачкиот премиер продолжува да тврди дека е физички способен да изврши исклучително тешка работа.
„Во политиката сум од 1991 година, тоа се 34 години. Може да се случи нешто да ви се испречи на патот, да не можете да функционирате сто проценти секој ден. Знам дека сакате да се ослободите од мене, но ќе мора да почекате уште малку“, им рече Фицо на новинарите.