Потпретседателот на Федерацијата на Босна и Херцеговина (ФБИХ) од редовите на српскиот народ, Игор Стојановиќ (СДП), поднесе кривична пријава против претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик за навреда на Бошњаците.
„Поднесов кривична пријава против Милорад Додик до Обвинителството на Босна и Херцеговина поради основано сомнение дека сторил кривично дело поттикнување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост, во согласност со Кривичниот законик на БиХ“, објави Стојановиќ на својот Фејсбук профил.
Тој изјави дека во своите јавни настапи, Додик „го навредил достоинството на еден од конститутивните народи, Бошњаците, и ги прекршил правата на религија, култура и слободно уживање на сите основни слободи гарантирани со уставот и меѓународните акти“.
„Имам институционална и морална обврска да реагирам кога се загрозени темелите на државата – еднаквоста, безбедноста и достоинството на нејзините граѓани. Молчењето пред говорот на омраза не е опција“, нагласи Стојановиќ.
Тој додаде дека БиХ е држава на сите нејзини народи и граѓани и дека нејзините темели се во борбата против фашизмот, во слободата и еднаквоста.
„Патриотизмот значи одбрана на достоинството на секој човек и заштита на вредностите врз кои е основана оваа земја“, заклучи потпретседателот на Федерацијата на БиХ.
Додик речиси редовно ги нарекува Бошњаците муслимани во своите јавни настапи, а минатата недела изјави дека решението за БиХ е муслиманите во оваа земја „да се вратат на својата вистинска вера, православие или католицизам“.
Според него, тогаш во БиХ „би имало најмногу Срби, па Босна би можела да биде унитарна држава“.