Поранешниот германски возач на Формула 1, Јохен Мас, воедно и победник на трката 24 часа Ле Ман, почина на 78-годишна возраст, објави неговото семејство на Инстаграм.
„Со тешко срце мораме да објавиме дека Јохен Мас почина денес од компликации по мозочниот удар што го претрпе во февруари“, соопшти неговото семејство.
Мас ја започна својата кариера во Ф1 во 1973 година со Сертис, а потоа се приклучи на Мекларен помеѓу 1974 и 1977 година. Тој освои една трка за Големата награда на Шпанија во 1975 година, но доби само половина од поените што требаше да ги освои бидејќи трката беше прекината поради несреќа во која беше вклучен неговиот сонародник Ролф Стомелен, што резултираше со смрт на неколку гледачи.
Откако ја заврши својата кариера во Ф1 во 1982 година, тој се префрли на трки на издржливост каде што забележа одлични резултати, особено со Порше, победувајќи на познатата трка „24 часа Ле Ман“ во 1989 година. Победи на 30 трки и беше двапати светски вицешампион.
Откако се пензионираше од активното натпреварување, Мас работеше како коментатор за добро позната германска телевизиска станица, а беше и ментор на млади возачи, вклучувајќи го и Михаел Шумахер, на кого му помагаше во раните фази од неговата кариера.
Јошен Мас живеел на југот на Франција и во последните неколку години возел автомобили на демонстрации на историски возила.