Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) предлага да се направи алатка за компаративна споредба на цените на производите објавени на веб-страниците на трговците. Од Министерството за економија, пак, велат дека е потребно да помине еден месец од имплементацијата на обврската за да се согледаат резултатите, но не ја исклучуваат можноста да има општа веб-страница на која граѓаните ќе може да ги проверуваат цените на производите.
Во доменот на објавувањето на цените на веб-страниците на маркетите, Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) нема поплаки.
– Сметаме дека таа алатка која ја применуваат трговците треба да биде доста видлива и препознатливи да бидат производите зашто вака луѓето се бунат. Некој што има намера да купи пет или шест производи треба во сите списоци на производи кои што ги објавуваат да ги бара баш тие производи и да оди онлајн од маркет во маркет за да може да ги најде. Кога би имале компаративна и унифицирана алатка тоа може да се направи многу брзо – вели претседателката на ОПМ Маријана Лончар Велкова.
Заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески посочи дека Државниот пазарен инспекторат е на терен и соодветно ќе реагира онаму каде што ќе се откријат пропусти.
– Во 21 век сметам дека пред граѓаните јавно и транспарентно треба да бидат презентирани цените од сите маркети и тие самите да одлучат каде ќе ги трошат своите пари. Колку се прегледни или не се прегледни не можам да кажам сега. Тоа ќе го сублимираме по еден месец од имплементацијата. Можеби ќе одиме на една општа генерална веб-страница или збирна информација која ќе дава добри резултати за да може транспарентно граѓаните сами да ги контролираат цените онаму каде што ќе купуваат – рече Ристески.
Маркетите, аптеките и продавниците за техника и мебел од 18 април годинава имаат обврска на своите официјални веб-страници да ги објавуваат цените по кои ги продаваат производите.