Пред Факултетот за спорт и физичко образование во Нови Сад, чиј влез беше блокиран од граѓани и студенти утрово, се случи инцидент кога полицијата почна да ја удира толпата со палки.
Полицијата претходно се обиде да се приближи до влезот на факултетот, но граѓани и студенти им застанаа на патот.
Сепак, полицајците успеаја да се пробијат до влезот користејќи пепер-спреј и потиснувајќи ги граѓаните.
При употребата на пепер-спрејот биле повредени неколку лица, меѓу кои и еден српски новинар.
Студентите во зградата на факултетот истурија вода врз полицајците.
Интервентната полиција и жандармеријата наизменично ги тепаа граѓаните од двете страни, јавува Н1. Толпата скандираше: „Спуштете ги штитовите“, „Убијци“, „Одбијте ги наредбите“ и „Одете во пеколот“.
Голем број граѓани се собраа пред Факултетот, а претставници на студентските сојузи ги повикаа сите жители на Нови Сад да им се придружат. По инцидентот, ситуацијата делумно се смири.
Граѓани и студенти се собраа утрово пред Факултетот за спорт и физичко образование за да го спречат деканот Патрик Дрид да се обиде да ја пробие блокадата на факултетот.