Еквадор е во состојба на готовност поради наводен заговор за атентат на неодамна реизбраниот претседател Даниел Нобоа, објавија властите на таа латиноамериканска земја.
Протечените извештаи на военото разузнавање, во кои се тврди дека атентаторите кои влегуваат во Еквадор од Мексико и други земји планираат да извршат „терористички напади“ врз шефот на државата, се појавија на социјалните мрежи оваа недела.
„Најостро го осудуваме и отфрламе секој обид за убиство на претседателот на Републиката, државните органи или државните службеници“, се вели во денешното соопштение од Владата на Еквадор.
Еквадор е „во состојба на будност“, се додава во соопштението, во кое за наводниот обид за атентат се обвинуваат „криминалните организации поврзани со политичките субјекти кои ги загубија изборите“.
Нобоа победи на претседателските избори во вториот круг во неделата, но неговата левичарска ривалка Луиза Гонзалес го обвини дека извршил „гротескна изборна измама“.