Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес престојуваше во работна посета на Приштина, на покана од косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечла. Главна тема на средбата беше евалуацијата на функционирањето на „One Stop Shop“ системот на граничниот премин „Блаце – Елез Хан“, како и подготовките за негово проширување.
– Средбата беше за евалуација на имплементацијата на „One Stop Shop“ системот кој официјално беше пуштен минатата недела на граничниот премин Блаце – Елез Хан, како и за усогласување на идните чекори за дополнително зајакнување на прекуграничното поврзување – изјави Тошковски по состанокот.
Како што информираше министерот, следната фаза е имплементација на системот и на граничниот премин „Јажинце – Глобочица“, што се очекува да се реализира во наредниот период.
– „One Stop Shop“ системот за патниците значи една проверка наместо две, пократко чекање и подобро искуство. За службите – поефикасна работа, подобра координација и посилна борба против незаконски активности. А за нашите две држави тоа е ново поглавје на поврзаност со побрз транспорт, повеќе трговија, туризам и пријателство – потенцираше Тошковски.
На состанокот се разговараше и за унапредување на соработката меѓу двете министерства и полициски служби, особено во делот на размена на информации и борба против прекуграничниот криминал.